Преку 100 судии, обвинители и други експерти од Западниот Балкан учествуваат на конференција за одземање незаконски стекнат имот
Објавено на: 15 март 2023

Сараево, 15. март 2023 година ― Преку 100 судии, обвинители, професори и други експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Хрватска и Италија се собраа денес во Сараево на конференцијата „Ефективно одземање имот стекнат со кривични дела во Западниот Балкан“, организирана од AIRE центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство. Корупцијата и организираниот криминал продолжуваат да претставуваат еден од најраширените и најнепопустливите предизвици за владеење на правото во Западниот Балкан, а одземањето имот стекнат со кривично дело, како дел од кривично-правниот процес, е едно од најефективните средства за борба против овие кривични дела.

„Чест ни е да собереме толку голем број експерти од регионалните судови, обвинителства и други институции чија работа придонесува за ефективно одземање имот стекнат со кривично дело. Овие средби од година во година покажуваат колку можеме да постигнеме заедно, бидејќи тие се можност да се планираат заеднички чекори и регионална соработка за борба против организираниот криминал и корупцијата. Западниот Балкан постигна огромен напредок во донесување законски акти и одредби во областа на одземање имот стекнат со кривично дело, но ние продолжуваме да согледуваме значителни проблеми во однос на спроведувањето на овие закони. Одземањето имот стекнат со кривично дело е на агендата на политиките на сите судства во регионот. Сепак, тоа е содржано како аспект со мешавина на стратегии, а не конкретен фокус. Покрај тоа, неопходно е да се продолжи со подобрување на капацитетите на органите за внатрешни работи (јавна безбедност) и на обвинителите кои водат финансиски истраги, бидејќи во моментов се соочуваме со проблемот на недостаток на капацитети и вештини, не само во специјализираните единици, туку и во сите агенции за кривични истраги и обвинителствата”, рече Невена Костиќ, проектна менаџерка на AIRE центарот.

„Сепак, земјите од регионот покажаа подготвеност да се справат со овие проблеми, а одредени успеси значително ги издвоија од многу други региони во светот. На пример, постои јасно признание на политичко ниво на сите земји од Западниот Балкан за потребата официјално да се определи национална агенција за одземање имот стекнат со кривично дело и ова прашање е во фокусот на јурисдикциите, иако во разни фази. Покрај тоа, повторна употреба на конфискуваниот имот и имотна корист за социјални (општествени) цели е препознаена во рамките на регионот како позитивен пристап, а Албанија и Србија веќе покажаа како тоа може да се спроведе во практиката“, додаде Костиќ.

Специјалните истражни мерки и финансиски истраги, повторната употреба на конфискуваниот имот и имотна корист за социјални (општествени) цели и крипто имотот/валутите се само дел од темите за кои практичарите ќе имаат можност да разговараат на оваа конференција.

„Учесниците ќе стекнат сознанија за најнеодамнешниот развој на правната рамка и практиката во Западниот Балкан, за јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права во врска со имот стекнат со кривично дело, за повторната употреба на конфискуван имот и имотна корист за социјални (општествени) цели и за крипто имотот/валутите. И проектот и мрежата на (поранешни) учесници на семинарите и конференциите се водечки пример за најдобра регионална соработка, а Регионалната антикорупциска иницијатива ќе продолжи да ги поддржува практичарите во Југоисточна Европа во нивните напори за спречување и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Десислава Гоцкова, раководителка на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива.

Овој настан исто така пружи можност да се презентираат најновите истражувања за добри практики во врска со ефективно одземање имот стекнат со кривично дело. Студијата „Повторна употреба на конфискуваниот имот и имотна корист за социјални (општествени) цели“ ја анализира оваа растечка практика и нагласува некои од придобивките од повторна употреба за социјални (општествени) цели како средство за располагање со имотот, во корист на жртвите на сериозен и организиран криминал, но и поопшто во корист на општеството. Понатаму, публикацијата „Посебните истражни дејствија како составен дел на финансиските истраги за кривични дела на корупција и организиран криминал“ дава преглед на посебните истражни дејствија, нивната класификација и стандарди и укажува на можностите и значењето на овие видови истражни техники за водење финансиски истраги.

AIRE центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, секоја година ги собираат клучните регионални експерти за одземање имот стекнат со кривично дело, за да ја поттикнат нивната комуникација, дијалог и соработка и да придонесат за доследна примена на релевантните меѓународни стандарди.

Во 2020 година овие организации формираа Регионална мрежа на практичари со цел да ја олеснат нивната комуникација и размена на добри практики, да презентираат најнови истражувања и наоди во врска со одземање имот стекнат со кривично дело во Западниот Балкан и да поттикнат идеи и иницијативи за зајакнување на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал.

„Организираниот криминал и корупцијата се клучни пречки за просперитетот и владеењето на правото. Запленувањето на имотот на криминалците е витален дел од поткопувањето на бизнис моделот на криминалците и корумпираните политичари. Треба да споделуваме знаење, вештини и експертиза за да ги изведеме криминалците пред правдата и да ги удриме таму каде што најмногу ги боли – нивниот имот. Многу јурисдикции ги дополнија и изменија своите кривични закони(ци) и кривични постапки. И други се на пат да го сторат тоа. Исто така, мнозинството јурисдикции донесоа посебни законски акти или одредби за одземање имот стекнат со кривично дело, кои се засновани врз меѓународните стандарди. Тоа се позитивни чекори, а Обединетото Кралство и другите членки на меѓународната заедница ќе се потрудат да ви помогнат да ја завршите изградбата на неопходната правна архитектура што се состои од законодавство, процедури и алатки.“, рече Julian Reilly [Џулиан Рајли], амбасадор на Обединетото Кралство во Босна и Херцеговина.

„Годишната конференција на (поранешни) учесници на семинари и конференции за ефективно одземање имот стекнат со кривично дело, што се одржува денес и утре, на едно место ги собра овие професионалци кои се ангажирани во проектот за да ја споделат својата стручност и знаење. Настанот е посветен на истакнување на нашите заеднички успеси, согледувања за новите трендови и дискусија за идните антикорупциски иницијативи. Конференцијата овозможува продолжување на регионалниот дијалог, унапредувајќи го учењето и споделувањето искуства и најдобри практики од страна на практичари од регионот на Југоисточна Европа“, објасни Гоцкова.

Претседателот на Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС) на БиХ, Халил Лагумџија, им се заблагодари на организаторите на конференцијата кои ја препознаа важноста на ефективно одземање имот стекнат со кривично дело и ги информираше присутните за активностите што ги презема ВСОС на БиХ во врска со оваа тема, како што е усвојувањето на посебниот модул во рамките на Судскиот систем за управување со податоци, кој селективно ќе евидентира и зачувува статистички податоци за запленет и конфискуван имот и имотна корист, како и Упатството за шефовите на обвинителствата во однос на издавање задолжителни инструкции со кои се пропишува обврска на обвинителите за водење финансиска истрага кога се води истрага за случаи на корупција, организиран криминал и перење пари.

Свесни сме дека очекувањата на јавноста се големи кога станува збор за работата на обвинителствата и судовите. Борбата против корупцијата, организираниот и економскиот криминал сè уште е во фокусот и на локалната јавност и на меѓународната заедница, нашиот партнер кој ги поддржува правосудните реформи во БиХ“, рече Лагумџија. Тој укажа и на важноста на преиспитување на досегашниот начин на работа, подобрување на процедурите и генерално порешителна борба против овој вид криминал. „Очекувањата се големи, а исто така и притисокот врз обвинителите да го подобрат не само квантитетот, туку и квалитетот на нивната работа“, рече Лагумџија.

Регионалната конференција „Ефективно одземање имот стекнат со кривични дела во Западниот Балкан“ се одржува како дел од проектот „Борба против корупцијата и организираниот криминал во Западниот Балкан преку зајакнување на регионалната соработка во областа на одземање имот стекнат со кривични дела“, што е спроведуван од AIRE центарот и Регионалната антикорупциска иницијатива – РАИ и е поддржан од Владата на Обединетото Кралство. Дознајте повеќе на Платформата за одземање имот стекнат со кривично дело.