На 14 и 15 мај 2019 година AIRE центарот во партнерство со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) и со поддршка од Владата на Обединетото Кралство организираше обука во Црна Гора чија тема беа правни стандарди и добра пракса за ефективно одземање на имотна корист стекната со кривично дело.
Во обуката учествуваа експерти за одземање на имотна корист стекната со кривично дело, практичари, доносители на одлуки и судии од Југоисточна Европа. Главни говорници на настанот беа советникот за одземање на имотна корист Pedro Gomes Pereira (Педро Гомес Переира), кој зборуваше за меѓународните и европските стандарди за одземање нa имотна корист и нивната примена во регионот; судијката Мирјана Лазарова Трајковска од Врховниот суд на Северна Македонија, која зборуваше за одземање на имотна корист и стандардите за човекови правa; д-р Eldan Mujanović (Елдан Мујановиќ), професор на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево, кој зборуваше за ефективна примена на проширена конфискација и за прагот на докажување; и судијката Радмила Драгичевиќ-Дичиќ од Врховниот касационен суд на Србија, која зборуваше за практиката на одземање на имотна корист во Србија.
Настанот беше организиран со поддршка во рамките на регионалниот проект на AIRE центарот, посветен на зајакнување на регионалната соработка во областа на одземање на имотна корист стекната со кривично дело, во склоп на борбата против корупцијата и организираниот криминал.