Презентација на проектниот извештај „Ефективно спроведување на мерки за одземање на имотна корист од кривични дела во Западниот Балкан: преглед на регионална методологија за набљудување, главни репери и студии на случај од добра пракса“
Објавено на: 10 декември 2020

На 9 декември 2020 година AIRE центарот во партнерство со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) и со поддршка од Владата на Обединетото Кралство организираа презентација на нивниот извештај за ефективно спроведување на мерките за одземање на имотна корист од кривични дела во Западниот Балкан, преку изнесување преглед на регионална методологија за набљудување, главни репери (мерила) и студии на случај од добра пракса.

На настанот учествуваа практичари кои се занимаваат со одземање на имотна корист стекната со кривично дело и претставници на правосудни институции од цела Југоисточна Европа. Главни говорници на настанот беа д-р Eldan Mujanović (Елдан Мујановиќ), професор на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево и судијката Радмила Драгичевиќ-Дичиќ од Врховниот касационен суд на Србија, кои дискутираа за елементи на извештајот.

Извештајот дава преглед на регионална методологија за набљудување, најдобра пракса и натамошни чекори и ги претставува најважните стандарди изведени од меѓународни извори, особено од Европската унија. Извештајот содржи листа на репери и препораки, со цел на националните власти да им се дадат корисни и практични насоки за воспоставување на сеопфатен, прецизен и веродостоен систем за прибирање, обработка и дистрибуирање на податоци за одземање на имотна корист стекната со кривично дело. Исто така, извештајот содржи стории за успехот презентирани во форма на студии на случај за разни аспекти на одземање на имотна корист стекната со кривично дело.

Настанот беше организиран со поддршка во рамките на регионалниот проект на AIRE центарот, посветен на зајакнување на соработката во областа на одземање на имотна корист стекната со кривично дело во Југоисточна Европа, во склоп на борбата против корупцијата и организираниот криминал.