Завршна конференција во Проектот за зајакнување на регионалната соработка во областа на одземање на имотна корист стекната со кривично дело во Југоисточна Европа (ВИДЕО)
Објавено на: 9 март 2021

На 9 март 2021 година AIRE центарот во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) ја организираше завршната конференција во својот двегодишен проект, посветен на зајакнување на регионалната соработка во областа на одземање на имотна корист стекната со кривично дело во Југоисточна Европа. Настанот беше посветен на презентирање на завршниот извештај за напредокот на проектот, а учесниците имаа можност да изнесат коментари за нивната работа и очекувања од нивната идна и тековна работа во борбата против корупцијата

и организираниот криминал.
На конференцијата учествуваа регионални експерти, како и водечки меѓународни личности од агенции кои се занимаваат со спроведување на законот и одземање на имотна корист од кривични дела. Главни говорници на настанот беа Tim Eicke (Тим Ајки), судија на Европскиот суд за човекови права избран во однос (име) на Обединетото Кралство, Hanne Juncher (Хане Јункер), извршен секретар на Групата држави против корупција (GRECO) и Burkhard Muhl (Буркхард Мул), раководител на Европскиот центар за финансиски и економски криминал при ЕУРОПОЛ.

Од 2018 до 2021 година AIRE центарот соработуваше со судии, обвинители и доносители на одлуки во шест јурисдикции и притоа создаде целно фокусирани публикации, спроведе обуки и студиски посети и воспостави основи за стандардизирано прибирање и анализа на статистички податоци ширум регионот. Исто така, овој проект придонесе за воспоставување на одземањето на имотна корист стекната со кривични дела како регионална политичка цел и го постави темелот за регионална мрежа на експерти и практичари за одземање на имотна корист стекната со кривично дело.

Конференцијата се одвиваше во хибриден формат, така што централниот настан се одржа во Сараево, во чиј тек имаше искажувања на говорници и беше презентиран извештајот, а со централниот настан преку видео линк беа поврзани учесниците од шест регионални центри во сите јурисдикции во регионот. И проектот и настанот беа поддржани од Владата на Обединетото Кралство, а AIRE центарот и РАИ добија поддршка и од Фондацијата Конрад Аденауер.